Цели и задачи

Здружението промовира подобра комуникација за соработка меѓу уредниците и поттикнува поединци или организации заинтересирани за медицинските списанија и соодветни активности за подобрување на квалитетот на здравствената заштита и на медицинските списанија кои се објавуваат во Р. Македонија.

Основна цел на Здружението е да се подобри квалитетот и нивото на медицинските списанија преку размена на информации и искуства за уредување и издавање на медицинските списанија и воспоставување правила согласно меѓународните стандарди за научна и публицистичка етика и интегритет, како и континуирана едукација на уредниците, научниот подмладок и научната заедница во Р. Македонија, во соработка со соодветните министерства, универзитети и факултети, професионални здруженија и комори, како и со релевантните меѓународни агенции и асоцијации.

Конкретни задачи на Здружението се:

  1. Градење форум за дискусија и размена на информации, идеи и искуства меѓу уредниците за унапредување на уредувањето на медицинските списанија кои се издаваат во Р. Македонија;
  2. Истражување и евалуација на медицинските научни списанија и развој на насоки за подобрување на квалитетот на списанијата и објавените трудови во нив;
  3. Следење на истражувачката и публицистичка етика на научните трудови и списанија, развој на алатки за евалуација на медицинските списанија и унапредување на уредувачките стандарди;
  4. Промоција на континуирана едукација на уредниците на списанија и пошироката научна заедница, преку конференции, работилници, курсеви и сл. за подготовка и скрининг на научни трудови, за пишување на медицински трудови и нивна евалуација, промоција на професионализмот, самокритичноста и самоконтролата во уредувањето и издавањето на академските списанија во биомедицината;
  5. Развој на меѓународна програма за вклучување во членство на World Association of Medical Editors (WAME) и други релевантни меѓународни агенции и асоцијации, соработка и размена на информации, знаења и искуства за научната и издавачка етика и интегритет, прифаќање на меѓународните насоки и стандарди во нашата средина;
  6. Промоција и обезбедување слободен пристап или специјален пристап до медицинските списанија преку HINARI и други иницијативи и бази на податоци;
  7. Промоција и помош во регистрацијата на научните списанија во домашни и странски индексирани бази на податоци;
  8. Други активности за развој и подобрување на квалитетот на медицинските списанија заради дисеминација на медицински информации со висок квалитет и унапредување на здравствената заштита, како и зголемување на продуктивноста и придонесот на авторите и списанијата од Р. Македонија во меѓународната научна заедница;
  9. Лобирање во наделжните министерства, во прв ред Министерството за образование и наука и Министерството за здравство, и во Владата на Р. Македонија, за финансиска поддршка од буџетските средства заради оптимално функционирање и реализација на планираните активности на МЗМУ, како и за определување „статус на Здружение од јавен интерес“.